3. Премногу или премалку „јас“?

Почнаа утринските мачнини. Да, тие, очигледно, не се само некој мит за првите месеци од бременоста. Утринското кафе не можам ни да го помирисам. Понекогаш се случува по првата голтка вода да истрчам во тоалетот. Возењето во автомобил најчесто е невозможна мисија, а храната која вообичаено ми се допаѓала сега не може да биде ниту во иста просторија со мене зашто ми предизвикува мачнини. А апетитот? Мислам дека можам и дека треба да изедам сè што ќе ми падне при рака. Сега јадам за двајца, нели? Не ми требаше долго време за да сфатам дека нема потреба да претерувам во ништо. Доволно е само да се хранам здраво и да се осигурам дека моето тело има сè што му е потребно, а тие 200 грама чоколада од синоќа сигурно не беа сосема неопходни. Но, и тоа морав да го сфатам по неколку недели прејадување, зашто го немаше во тој непостоечки прирачник за бременост.

Да, интернетот ми помогна. Читав сè и сешто – медицински текстови, туѓи искуства... Но колку повеќе читав толку бев позбунета. Јади ова, немој да јадеш тоа, спортувај како и досега, одморај најмногу што можеш, држи ги нозете нагоре, осигурај се дека имаш циркулација.... Ух, интернетот знае да биде и збунувачко место за една идна мајка.

Ова можеби беа првите моменти кога почувствував дека, покрај тоа што во себе носам дете, јас и натаму сум човек кој треба да се грижи сам за себе. Да, јас секое утро се справувам со серија мачнини, јас не можам да јадам сè што ќе посакам, се плашам да возам велосипед како досега (така ме советуваше доктор Интернет). Јас. Јас морам да се справам со своите желби и потреби и да ги приспособам на новата ситуација, колку и таа да е убава, прекрасна, посакувана. Токму во тие моменти решив да продолжам да го пишувам овој труднички дневник, зашто, веројатно, кога би му ги раскажала овие работи некому, тие би биле погрешно сфатени. Премногу „јас“ во реченица не звучи добро. Но, „јас“ е важно. „Ти“ е важно.

На прашањата на сопругот „како си“, кои сега веќе беа почести и добредојдени, најчесто одговарам со „супер сум, сè е ок“, зашто не сакам да бидам онаа идна мајка која наместо да ужива во бременоста постојано се жали и негодува.

Но сакам да знам дека не сум сама; сакам да знам дека бременоста е прекрасна, но дека мачнините се тешки; дека не сум единствена на светот која не знае точно што треба да прави; сакам да знам точно како сум јас за да можам да си помогнам; сакам да знам како си и ти.

Твојата,
Нина.