Исхрана на мајката за време на доење

Со правилна исхрана, мајката обезбедува соодветен прехранбен внес за бебето, неопходен за правилен раст, развој и здравје. Воедно обезбедува здраво и силно опоравување  на мајката после породувањето.

Мајката доилка сè уште јаде како за двајца. Како доилка, мајката е единствен извор на сите прехранбени материи на бебето.

Практични препораки:

  • Секојдневен внес на зеленчук и овошjе (пожелно е дневно да се внесува еден оброк на портокалов зеленчук, два оброка зелен лиснат зеленчук и еден оброк на овошје од цитрус група). Практично, тоа значи да се вклучат две парчиња овошје или зеленчук во секој оброк (на пример: банана и чаша сок од портокал за појадок; чаша сок од домати и салата за ручек; и оброк обарен зеленчук за вечера).
  • Да се зголеми внесот на житарици. Најмалку пет оброци да бидат леб од цело зрно и житарици (корнфлекс, ориз).
  • Доволен внес на млеко. Мајката доилка има дневни потреби од калциум - еквивалент на четири чаши млеко со помалку масти.
  • Доволен внес на протеини. Дневно да се внесат три белковински оброци и тоа посно месо, пилешко без кожа, риба или варен грав или грашок.
  • Надополнување со витамински препарати. Во консултација со докторот, доколку има потреба од надополнување со витамински и минерални препарати.
  • Внимателно избирање на пијалоци. Сè што пие мајката пие и бебето кое се дои. Затоа, потребно е да се пие доволно вода, а да се редуцира внесот на алкохол, кофеин со кафе, чај и други напитоци.
  • Урамнотежен внес на калории. Дневните потреби на доилка се поголеми за 500 калории од возрасен, но потребите за витамини и минерали се поголеми. Дневните потреби на доилката се движат од 2000 до 2200 калории на ден.
  • Потребно е редовно јадење во тек на денот. Готови производи кои се сиромашни со витамини и минерали, а богати со калории не се пожелни.

За време на доењето, не е потребно да се држи диета. Ако се намали внесот на калории се намалува внесот на потребните витамини и минерали, со што, мајката е склона кон чести настинки, чувство на замор и други здравствени проблеми, а квалитетот на млекото и здравјето на бебето може да биде засегнато. По породувањето, во тек на првите шест недели, мајката нема потреба да се грижи за својата тежина.
Потребно е да се избегнуваат гурмански и зачинети јадења (грав, брокула, карфиол, лук, кромид, пипер), а наспроти тоа да се подготвуваат едноставни хранливи јадења богати со зеленчук, овошје, посно сирење и месо.
Ако мајката пуши или пие алкохол, тие поминуваат во млекото и може да му наштетат на бебето, а воедно и ја намалуваат секрецијата на млеко. Доколку мајката пуши, пожелно е да не пуши повеќе од 10 цигари на ден, и да се избегнува пушење во просторијата каде престојува бебето.
При постоење на фамилијарна оптовареност со алергии, можно е мајката која консумира млеко, јајце, риба или цитрусно овошје, да предизвика реакција кај бебето.
Доколку бебето е алергично на кравјо млеко, потребно е мајката да го ограничи внесот на кравјо млеко, а калциумот да го задоволи со друга храна (кељ, брокула, лосос, сардини).
Доколку мајката држи вегетаријанска диета, постои ризик за развој на дефицит на витамин Б12, и затоа е потребна консултација со лекар за дополнителна суплементација со витамин Б12.
Повеќето лекови се сигурни и не поминуваат во млекото, но сепак доколку мајката прима лекарства треба да се консултира со лекар. Само мал дел од лекарствата минуваат низ мајчиното млеко и може да бидат опасни за бебето. Пожелно е да се избегнуваат хлорамфеникол и тетрациклини, како и метронидазол и сулфонамиди. Да се избегнуваат лекови кои може да го намалат млекото како контрацептивни лекови кои содржат естрогени, тијазидни диуретици.
За време на доењето бебето ги користи хранливите продукти од мајката за своите потреби. Иако исхраната на мајката не е соодветна, млекото ги задоволува потребите на бебето. Поради тоа, лесно може да се појави недостаток на одреден витамин или минерал кај мајката, кој влијае како на здравјето на мајката така и на здравјето на бебето. Така витамин К, витамин Б6, витамин Ц и други витамини зависат директно од исхраната на мајката. Од тука, во одредени случаи, во овој период се дозволува надополнување со мултивитамински и минерални препарати  во консултација со доктор. Треба да се води сметка да не се надмине препорачаната доза за одредени витамини и минерали.

Одредени витамини и минерали во поголема доза можат да предизвикаат и одредени проблеми. Прекумерен внес на железо може да даде запек или пролив. Секако, витаминските и минералните препарати, не можат да гарантираат здравје доколку е слаба исхраната.

Затоа, секогаш е потребно прво да се обезбеди доволен внес на овошје и зеленчук како извор на витамини и минерали. Тие се богати и со други прехранбени продукти, кои се неопходни за здравје, а кои не може да ги задоволат фармацевтските препарати.

Даден е преглед на производи кои се богати со одредени витамини и минерали.