5. За храбрите жени

Денеска станав особено рано. Отидов на работа и половина час ѝ се жалев на колешката дека не можам да го поднесам мирисот на дезодорансот на Иван, мојот сопруг. Добивам нагон на повраќање штом влезам во просторија која мириса толку силно што мирисот ми се заглавува во носот и го носам со себе цел ден. Потоа уште половина час се жалев како облеката за на работа почнува да ми се смалува. На паузата се жалев дека не сакам да престанам да работам штом се роди бебето и дека ме фаќа блага анксиозност бидејќи имам многу незавршени проекти. Подоцна искористив прилика уште еднаш да им се пожалам на двете мои драги колешки кои сè уште имаат трпение да ги слушаат моите таженки дека, веројатно, зимава ќе измрзнам бидејќи ќе ми порасне стомачето и нема да можам да ја закопчам јакната.

Кога ми се јави мајка ми, ѝ се пожалив дека почнувам побргу да се заморувам и дека не успеав за цел еден викенд да го исчистам сиот стан како што тоа претходно го правев, а на Иван му се пожалив буквално на сè!

По сѐ изгледа овој период на жалење ми трае. Ништо не ми се погодува, а за сè е виновна бременоста. Ете, сега можам да бидам погрешно сфатена. Јас ја САКАМ оваа бременост и САКАМ да го родам моето дете, но понекогаш бременоста ми е виновна и тоа е вистината која е тешко да се каже.

И така, пишувајќи го ова продолжение на мојот труднички дневник, по целодневно жалење и негодување, силно ме погоди една мисла, а тоа е дека јас сум еден обично, неблагодарно, крајно себично детиште. Да, и ова е вистина која е тешко да се каже, верувајте ми. Зошто го помислив ова? Затоа што по петнаесетчасовното негодување помислив на сите оние девојки и жени кои се трудат да зачнат дете; на сите оние кои со години зјапаат во негативни тестови за бременост и не губат надеж; на сите оние кои еднаш слушнале срцево отчукување, а потоа не; на сите оние неверојатно храбри, извонредни, истрајни и натчовечки силни жени кои едвај чекаат да им се смали облеката, да ги искусат сите најразлични симптоми на бременоста и да не им се сретнуваат креаевите од патентот бидејќи им пораснало стомачето.

Помислив на сите нив и престанав да се жалам. Сето ова е за една голема цел, а тоа е да го држам своето чедо в раце и да ја почувствувам најголемата среќа на светот.

Денеска не ме интересира како сум јас. Вечерва нема да мислам на себе.

Вечерва мислам на сите оние кои се трудат да станат родители.

Вечерва мислам на тебе која се трудиш да останеш бремена, да го зачуваш својот плод, да го износиш до крај, да го родиш.

Вечерва мислам на тебе и те прашувам како си.

 

Нина