Би сакале да користиме веб колачиња "Cookies", со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашиот веб сајт. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство на нашиот веб сајт. Детални информации за начинот на кој може да ги смените Вашите преференци за веб колачиња "Cookies“, може да најдете во нашиот документ за Политика за приватност / Политика на приватност
8. Нетрпеливост, храброст и лудост
Влегувањето во деветтиот месец од мене извлече нешто што никогаш претходно не излегло на површина. Нетрпеливост. О, каква нетрпеливост ми струи низ вените, ме поткрева од столче, не ми дава да размислувам за ништо друго освен за моментот кога конечно ќе го држам своето дете во рацете. Се плашам дури и од самата себе и од тоа на какви сè мисли е подготвена мојата глава. Ете, баш денеска помислив „Па ајде веќе, можам да го родам, влегов во деветти месец... зошто мора да се чека баш до самиот термин?!“. Мора, Нина, треба! Затоа што така е најдобро, ако се може, нели. Стрпи се уште малку, помина толку време, толку различни фази и емоции, ќе издржиш уште некоја седмица. Но пуста желба да го држам во рацете она што со месеци наназад ми игра во стомачето, што ме гали по ребрата дури спијам, што ми диктира што смеам, а што не смеам да јадам.
Овие денови се долги како години. На работа веќе не одам. Сега сум дома, преокупирана да средам сè до најмал детаљ, да бидеме сосема подготвени за новиот живот во нашите животи. Креветчето е веќе наместено блиску до мојата страна од креветот, па секое утро се будам гледајќи во празнината низ дрвените решетки, замислувајќи ги двете очиња кои наскоро љубопитно ќе ѕиркаат од тоа исто место. И, по тоа прилично идилично будење, стигнува моментот на станување од кревет – проект сам за себе кој баш знае да трае. Иван секогаш ми подава рака за полесно да се исправам, но јас решително станувам сама, макар тоа траело и десетина минути. Сета облека, сите ќебенца, постелнини, пешкирчиња и додатоци до најмала ситница се веќе испрани, испеглани, здиплени и по неколку пати разместени, бидејќи не можам да се одлучам што каде треба да стои. Грст луѓе се понудија да ми помогнат во процесот, но јас сакам тоа да го направам сосема сама. Дома се трудам да не чистам повеќе од еднаш на два-три дена, иако јасно ми е дадено до знаење дека домот ни е океј таков каков што е и дека ако ми треба помош, ќе ја добијам во секое време, но посилно е од мене. Што ако треба да заминам во болница, а дома не е сè средено баш онака како што јас сакам?
Океј, океј... знам дека претерувам. Се трудам да се поправам. Но имам некоја потреба да се докажам; да потврдам некои работи пред себеси и пред светот. Зошто? Апсолутно немам идеја. Што сакам да кажам? Веројатно е нормално за жена која е во деветтиот месец од бременоста да не може да направи баш сè, почнувајќи од врзување на врвките на обувките до менување светилка во кујната. Но, јас сум ви друга приказна. Јас сакам да си докажам себеси и на сите други дека, и покрај сè, мене не ми треба помош. Јас сум силна и јас можам сама. Не сакам никој да станува од столчето за да ми отстапи место да седнам; не сакам да ме пуштаат преку ред на шалтер; не сакам Иван да ми ја зема торбата со намирници од продавница за да не носам тешко и не сакам никој да ми помага во домашните обврски. Сакам и можам сама.
Зошто го правам ова? Кој ќе ми даде аплауз за сето ова? Зошто не си го олеснувам животот, туку дури и во деветтиот месец од бременоста јас постојано нешто некому докажувам? Храброст ли е или лудост? Дали и некоја од вас се чувствува вака или единствено јас одбивам да ја прифатам подадената рака?
Вашата секогаш тврдоглава, нетрпелива и неизмерно возбудена, Нина